Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција по повод европската бронза за младиот македонски боксер Петар Арсовски на ЕП за млади во Софија, Бугарија.
-Освојувањето на бронзениот европски медал дава надеж дека Петар ќе тргне по стапките на многу наши македонски боксери и дека ќе ги достигне нивните остварувања на големите меѓународни настани. Европските и светски медали на Вели Мумин, Примислав Димовски, Фатон Салиху, Аземи, Русевски треба да претставуваат само мотивација за младиот боксер, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.

На пресот свои излагања имаа и тренерот на Арсовски, како и претседателот на Боксерската федерација Примислав Димовски.

-Остварувањето на овој успех за нас не е неочекуван, и сметам дека неговиот медал заедно со медалот на Ардијан Аземи од пред две години покажуваат дека имаме млади таленти со кои може да се работи и дека сретствата кои АМС ги обезбедува се оправдани, истакна Примислав Димовски.

Тој додаде дека Париз 2024, па и Лос Анџелес 2028 се можеби далеку, но со вакви таленти шансите за обезбедување настап, но и остварување резултат се големи.