Федерацијата на училишен спорт на С. Македонија со поддршка на Агенцијата за млади и спорт на С. Македонија организира ОТВОРЕНИ БАЛКАНСКИ УЧИЛИШНИ СПОРТСКИ ИГРИ – „ОХРИД 2022“.

Оваа голема спортска меѓународна манифестација ја најавија директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и претседателот на Федерацијата на училишен спорт, Проф Александар Туфекчиевски.

– Ми претставува огромна чест да ги најавам првите ОТВОРЕНИ БАЛКАНСКИ УЧИЛИШНИ СПОРТСКИ ИГРИ  „ОХРИД 2022“, чии организатори сме токму ние.

Настанот го организира Федерацијата за училишни спортови со поддршка на Агенцијата за млади и спорт, а целта е зближување на младите спортисти од Балканот, создавање нови познанства, премостување на разликите и обид преку спортот да ја реализираме идејата за ОТВОРЕН БАЛКАН.

Спортот зближува, спортот не познава вери, раси и бои.

Спортот е најдобар начин на почитување на противникот.

Да бидеме добри домаќини, да се обидеме да ги сплотиме младите спортисти од балканот, истакна Мојсовски.

Игрите ќе се одржат од 12-ти до 16-ти Јуни во Охрид и на истите учество ќе земаат околу 450 ученици-натпреварувачи од најдобрите средни училишта од следниве балкански земји: С. Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Натпреварите ќе се одржат во неколку дисциплини и тоа:

  • Ракомет – машки и женски
  • Кошарка 3х3 – машки и женски
  • Футсал – машки и женски
  • Одбојка на песок – машки и женски
  • Пинг-Понг – машки и женски
  • Атлетика – машки и женски (100м, скок во далечина и фрлање ѓуле)
  • Шах – машки и женски