Агенцијата за млади и спорт ја најави мерката Ваучер во спортот за 2022, која спортските клубови, Националните спортски федерации и индивидуалните спортисти можат да ги искористат за добивање средства од даночните обврзници во земјава.

Износот на ваучерите е различен во зависност од спортот, постигнатите резултати, организираноста на клубот, рангот на натпреварување. Станува збор за владина мерка, со која државата се откажува од парите по основ на данок на добивка и ги пренасочува во македонскиот спорт. Конкретно  компаниите, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист кои има добиено ваучер од Агенцијата за млади и спорт.

По тој повод беше одржана прес конференција во Владата на која свое излагање имаа директорката на УЈП Сања Лукаревска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски.

-Тргнувајќи од фактот дека измината 2021ва беше најуспешната спортска година од нашето осамостојување, мерката спортски ваучер на спортските клубови и федерации, на нашите спортисти, е од големо значење и преставува институционална поддршка за унапредување на спортот.

И во време на глобална здравствена криза, овојпат бележиме раст на реализацијата на мерката, односно фантастични 95 отсто реализација. Со оваа мерка поддржани се 174 спортисти, 46 федерации и 664 спортски клубови, што значи дека 885 спортски субјекти и индивидуални спортисти ги почувствувале бенефитите од мерката ваучер систем.

Во бројки со ваучер системот  се реализираа  нешто повеќе од 574 милиони денари од кои 390,3 милиони денари се од општествено одговорни компании а 184 милиони денари се од државата директно преку ковид програмата, истакна Мојсовски.

Тој додаде дека преку овој систем спортистите, клубовите и федерациите имаат сигурен партнер во финансирањето на нивните програми.

-Со ваквата распределба на средства ја зголемуваме и мотивацијата и интересот за спонзорирање на стопанските субјекти во спортот, а во иднина во координација со Управата за Јавни Приходи сме на изнаоѓање на модел за полесна реализација на ваучер системот што би значело средствата кои се доделени преку ваучер системот  директно  да се слеваат на спортските субјекти кои ја користат мерката, додаде Мојсовски.

-Инвестирањето во спортот со цел подобрување на развојот на секој спортист е заедничка определба. Драго ми е што токму Управата за јавни приходи има значаен удел во напредок на македонскиот спорт, истакна Лукаревска.

Таа додаде дека во соработка со Агенцијата за млади и спорт изминативе три години преку ваучерскиот систем поддржуваме спортски клубови, федерации, но и индивидуални спортисти со цел остварување на успеси и добри резултати. Интересот е многу голем, а мерката сé поприфатена.