По 23 години добиваме шампион во Сениорска Конкуренција на ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО .Ова е шести златен медал за Македонија на ЕП-а, по два освоија Шабан Трстена и Шабан Сеиди и еден Могамед Ибрагимов. По тој повод Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција за златниот медалист  Владимир Егоров и другите учесници на Европското првенство во борење, кое се одржа во Будимпешта, Унгарија.

Директорот на АМС Наумче Мојсовски не го криеше задоволството од присуството на европскиот шампион, но и на младите надежи на македонското борење Алими и Вејсели.

-Егоров по освојувањето на златниот медал го развиори македонското знаме и не направи горди сите спортисти. Ваквите остварувања не задолжуваат нас како Агенција за млади и спорт, во континуитет да бидеме главна поддршка на сите македонски борачи, како во нивниот припремен период, така и на сите настапи на меѓународен план, истакна Мојсовски.

Тој истакна дека за успехот од Будимпешта се заслужни целокупниот тим, од тренерите Бобан Донов и Седет Бафтиу, па се до претседателот на Боречката федерација Дејан Богданов.

-Ниската возрасна граница на нашите борачи кои настапија во Будимпешта влева надеж за уште поголеми успеси во иднината, и продолжување на трендот борењето да остане најтрофеен спорт во државава, додаде Мојсовски.

Егоров се заблагодари на присутните медиуми потенцирајќи дека се радува и дека му претставува чест што освои златен медал за нашата земја.

На пресот свои излагања имаа и Бесир Алили освојувачот на петтото место на Европското првенство во борење во Будимпешта, Унгарија, во сениорска категорија иако има само 19 години, како и репрезентативците Митров и Вејсели.

Претседателот на федерацијата Дејан Богданов истакна дека фактот што на чело на Агенцијата за млади и спорт стои врвен спортист го оправдува мнението на сите национални федерации дека секој остварен резултат се цени и вреднува.

-Златниот медал на Егоров, петото место на Алили, но и одличниот настап на Вејсели даваат надеж за проширување на списокот македонски борачи кои претендираат за настап на следните ОИ, истакна Богданов.