АМС ПОДГОТВЕНА ЗА ПРИМЕНА НА ПЕТГОДИШНАТА РАЗВОЈНА ПРОГРАМА НА СПОРТОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Денеска во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција на која директорот Лазар Поповски детално ги информираше претставниците на медиумите за усвојувањето на петгодишната програма за развој на македонскиот спорт на седницата на Владата на Република Македонија одржана на 3 јануари. Со тоа е заокружен еден подолг процес на анализи и проценки од страна на голем број спортски авторитети, стручни лица, спортисти и тимот на Агенцијата за млади и спорт. Изразувајќи им благодарност на сите соработници, Поповски потенцира дека со ова е ставен крај на транзицијата во спортот и се дефинира стратешката насока на Законот за спорт, финансирањето и можноста за формирање на фондации како и за спортот во институциите(предучилишен, училишен, универзитетски, армиски, полициски)
Директорот на Агенцијата за млади и спорт во обраќањето рече дека со програмата е опфатен врвниот спорт, а со неа се дефинираат и националните спортови во Република Македонија, со што се отвора перспектива за учество на истите, на големите натпреварувања и пред се, на Олимписките игри.
Да се развива спортот за сите, како култура на живеење, да се иницира спортот за лица со телесен инвалидитет, особено да се стави акцент на решавање на односите во единицата на Локална самоуправа (децентрализација во делот на финансирање на клубови, училишта и универзитети, рекреативни и спортски објекти). Програмата го задржува континуитетот во изградба на спортската инфрастуктура на национално и локално ниво, преку создавање на нови спортски објекти и решавање на статусот на постоечките кои се во сопственост на Р.М.
Со повеќегодишното програмско дефинирање на меѓународната соработка и втемелување на спортската дипломатија, ќе биде овозможен нов пристап во ширење и развојот на националниот спорт, и надвор од границите на нашата држава.
Програмата која меѓу другото има карактер и на економски документ, согласно препораките од Советот на Европа, како новина и приоритет, ги има и борбата против насилството и допингот, како најголеми закани за спортот како и афирмирањето на здравствена заштита на спортистите. Програмата не е догма, таа е жива материја, флексибилна е и ќе трпи промени со секој нов оддржлив предлог- рече Поповски.
Првиот човек на АМС во образложението кон јавноста, за потфатот кој траеше повеќе од една година, се обиде да иницира општа дискусија за развојната програма и за елементите кои можат да ја направат уште подобра. Поповски вети дека во случај на потреба, програмата ќе доживува дополнување во сите сегменти и нагласи дека постојат три основни столбови врз кои е базирана првата Стратегија за развој на спортот од осамостојувањето на Р.Македонија, која ќе биде темел врз кој и натаму треба да се усовршуваме.
Младинскиот спорт и неговата перспектива, како и посериозна подготовка на стручно-научен кадар што ќе работи со талентите е првиот фактор, а вториот се однесува на економскиот момент, претприемаштвото во спортот и финансирањето преку дополнителни опции за приходи како академии, школи, спортски туризам и манифестации. За третиот столб, врвниот спорт и спортската инфраструктура, е јасно дека е најважен и најпечатлив, и тој останува врвен приоритет со кој се подигнува нашата гордост и се засилува националната свест.
Видеото од обраќањето на директорот на АМС Лазар Поповски можете да го погледнете тука.