Печати

Успех на Македонската Бадминтон федерација на Светското првенство во ракетлон во Софија, Бугарија

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Во рамки на Светското првенство во ракетлон кое годинава се одржа во соседна Бугарија, за првпат настапи нацинален тим од нашата земја. Овој композит од 4 спорта (бадминтон, пинг-понг, сквош и тенис) во натпреварувачка смисла, во еден организиран меѓународен систем на натпревари, постои во светот повеќе од 20 години. Светската ракетлон федерација, со седиште во Австрија, брои 36 земји членки.

На собранието на истата, кое се одржа во рамки на гореспоменатото првенство, нашата земја стана 37 земја членка под името Македонија. Сепак, на ова претходеше жестока борба околу името со нашиот јужен сосед. Имено, уште при процедурата за официјална пријава на националните тимови од сите земји за учество на првенството, македонскиот тим беше пријавен како Team MACEDONIA. Веднаш и како таков беше објавен на официјалната страница за настанот. Веќе другиот ден, по упатен протест од грчка страна која е земја членка на оваа федерација уште од 2004-тата година, истото беше променето во Team FYRO Macedonia.

По ова, следеше реакција на македонската страна, односно, од страна на Комитетот за ракетлон при Бадминтон федерацијата на Македонија во форма на преписки со претседателот на Светската ракетлон федерација и со повиканата страна од земјата домаќин на првенството, по што што привремената референца се избриша и називот на нашиот тим беше вратен во првобитната положба. По ова, грчкиот национален тим упати нота до сите членки на Светската ракетлон федерација, вклучително многу останати поединци, со содржина каде, меѓу другото, се вели дека нашето име подразбира територијални претензии кон нивната земја.

Истото од страна на Светската ракетлон федерација не беше земено предвид, а доказ за тоа e приемот во нејзино членство на Комитетот за ракетлон при Бадминтон федерацијата на Македонија под името – Македонија. Тоа, конечно, беше одбележано со интонирање на македонската химна заедно со химните на останатите 20 земји учеснички при свеченото отворање на првенството и со истакнување на македонското знаме. Следствено, Грција го откажа своето учество и нивното знаме беше симнато.

Покрај тоа, во натпреварувачкиот дел, нашиот национален тим во ракетлон во состав: Филип Михајловски, Кристијан Вангелов, Васил Пујовски, Марко Накиќ, Ина Стефановска, Деа Здравковска, Дарија, Стефановска и Александра Вановска, настапи во јуниорскиот дел од натпреварите. Највредна да се спомене е победата на нашиот тим над националниот тим на Бугарија каде, во една исклучително тесна борба и вон сите очекувања, македонскиот национален тим со победата над домаќинот го освои 4-тото место во екипниот дел од натпреварите. Исто така, во натпреварите во машки и женски двојки, како посебен дел, македонските двојки освоија две четврти места.