Печати

Ќе се реконструира спортската сала во Велгошти

вклучено . Објавено во Соопштенија

Владата на Република Македонија преку Агенцијата за млади и спорт обезбеди 20 милиони денари наменети за реконструкција на спортската сала во охридското село Велгошти.

Директорот на Агенцијата, Лазе Поповски, кој денеска заедно со пратениците Хари Шокаровски и Александар Николоски беа во Велгошти, појасни дека сите правни процедури во врска со реконструкцијата на салата се заокружени, така што останува уште да биде избран изведувачот на градежните активности, по што би можела да почне реконстукцијата на објектот.

- Градежните работи очекуваме да завршат за шест месеци и објектот да биде предаден во употреба, истакна Поповски.
Тој потсети дека Агенцијата за млади и спорт во спортска инфраструктура вложи над 20 милиони евра, средства обезбедени од буџетот на Владата.

- Тоа е потврда дека и во услови на светска економска криза во Македонија инвестициите во спортот не застануваат, уште повеќе што статистиката покажува дека еден денар вложен во спортот значи седум денари заштеда во Фондот за здравствено осигурување, додаде тој.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт потенцира дека доколку биде обезбедена потребната документација од локалната самоуправа, со почетокот на наредната градежна сезона, односно во март идната година е предвидено да почне и изградбата на затворен базен во рамки на СРЦ „Атина Бојаџи“, со сета попратна инфраструктура и според пропозициите на ФИНА, што би овозможил одржување пливачки и ватерполо натпреварувања.


СО ПОЧИТ,
ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТА