Печати

АМС со поддршка на Илина Арсова: ПРВА МАКЕДОНКА НА МОНТ ЕВЕРЕСТ 2013 ГОДИНА

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт, се одржа прес-конференција по повод подготовките на Илина Арсова-првата жена Македонка која ќе се обиде да го развиори македонското знаме на Хималајските височини.



Директорот на АМС м-р Лазар Поповски го претстави походот на Илина Арсова (кој треба да се случи оваа пролет во периодот од Април до Мај) и подготовките за искачувањето на Монт Еверест кои се во тек. Успехот во овој потфат, ќе и донесе на Илина епитет на првата жена Македонка која го освои срцето на највисоката планина на светот и за тоа ќе и биде потребна поддршка од сите нас.



Со самиот факт што искачувањето на Монт Еверест од страна на жени е поретко, проектот „Прва Македонка на врвот на светот“ меѓународно ќе ја афирмира нашата земја, а воедно согласно плановите кои се дел од истиот, целокупните активности ќе бидат документирани преку ангажирање соодтветна филмска екипа во најоптимален обем.

Проектот кореспондира со една од главните препораки на Советот на Европа за “вклучување на жената во спортот“, што, во исто време претставува еден од приоритетите во „Програмата за развој на спортот 2013-2017“ како стратешки документ на Агенцијата за млади и спорт. Агенцијата за млади и спорт и додели на Илина финасиски средства во износ од 5.000 евра.

Арсова ги има освоено речиси сите највисоки врвови од другите континенти во Светот. Како што вели таа проектот „Прва Македонска жена на Монт Еверест“ е од големо значење не само за неа, туку и за сите Македонки и токму македонската жена и е најголемата инспирација за освојување на највисокиот врв во светот.

Во таа насока, вечерва, во галеријата на МКЦ, ќе биде отворена и сликарската изложба на Илина Арсова. Станува збор за групна изложба која на својствен начин повикува на нејзина поддшка да го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест. Средствата кои ќе се соберат од продажбата на нејзините уметнички дела ќе бидат уште еден чекор напред за првата Македонка на патот кон највисокиот врв на светот.




Идејата на вечерашната изложба според Илина е да ги спои спортот и уметноста и да ги мотивира луѓето преку спортот да бидат креативни и ликовно инспирирани. Изложбата е наменска и продажна со цел собирање средства за поддршка на долгонајавуваната експедиција „Прва македонка на Монт Еверест” која поради недостиг на финансиски средства веќе трета година се одложува.