Печати

Интервју со д-р Саша Димитријевиќ- Селектор на машката кошаркарска селекција на Спортската Академија

вклучено . Објавено во Соопштенија

Спортската академија за прв пат почна да работи оваа година. Во неа има паралелка за кошарка во која Вие сте еден од предводниците. Ме интересира, на кој начин работат младите кошаркари, во што се состои нивната програма за работа?

 

Димитријевиќ: Најпрво сакам да кажам дека овој проект на Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија е револуционерен потег за развој на врвниот спорт. Благодетите ќе ги видиме за неколку години, кога оваа генерација на млади спортисти: кошаркари, ракометари, фудбалери и тенисери, ќе бидат подготвени да се натпреваруваат во сениорска конкуренција. Кошаркарскиот стручен тим ја изготви програмата за работа на тој начин што два пати дневно се предвидени тренинзи кои се прилагодени со училишните обврски. Во овој период работиме многу на отстранувањето на лошо стекнатите навики и ја корегираме индивидуалната техника на кошаркарите.

Кошаркари има во една паралелка, колку ученици има во таа паралелка и колку тие го прифатија новиот начин на работа со оглед на тоа дека ова е прва година во која работи Спортската академија?

Димитријевиќ: Кошаркарскиот дел од Академијата се состои од 18 машки и шест женски. Секој почеток е тежок, но еве по три месеци полека, но сигурно се прилагодуваат и влегуваат во еден тренажен процес кој им гарантира напредок.

Дали се соочувате со одредени програмски недостатоци?

Димитријевиќ: Програмата по кај работат младите се одвива непречено. Децата имаат време и за тренинзи и за образование и за одмор. Кошаркарскиот дел од Академијата работи во салата на Основното училиште Наум Наумовски-Борче во населбата Маџари каде имаме одлични услови за работа.

Децата кои учат на Академијата се деца кои во основното образование покажувале одличен успех. Дали освен спортските предмети тие изучуваат и други кон кои подоцна во животот би можеле да се ориентираат бидејќи повеќе од јасно е дека многу таленти го напуштиле спортот поради повреди кои не можеле целосно да се санираат?

Димитријевиќ: Со самото запишување во Спортската академија, тоа не значи дека тој кошаркар ќе биде врвен или дека мора да игра за македонската репрезентација. Тоа зависи исклучиво од него и неговото ангажирање на самите тренинзи. Тренирањето по два пати дневно, одигрувањето на маѓународни натпревари на секој кошаркар од Академијата ќе му овозможат побрз и подобар напредок. Наставната програма е така направена да овие деца по завршувањето на средното образование имаат проодност да се запишат на секој факултет кој ќе го посакаат. Значи во програмата е мислено на се, не само на тренажниот дел, туку и на образовниот што е важен сегмент во нивните животи.

Дали сметате дека децата со кои работите сега имаат потенцијал да станат врвни спортисти?

Димитријевиќ: Потенцијал има, но дали ќе бидат врвни спортисти ќе покаже времето. За да станеш врвен спортист потребно е многу да се работи и секако да ти се поклопат коцките во животот.

Што би им препорачале на родителите кои имаат спортски талентирани деца?

Димитријевиќ: На родителите кои имаат талентирани деца би им препорачал да дозволат децата да ги тренираат врвни тренери кои имаат соодветно образование, бидејќи тоа е првиот и последен услов за тој нивни талент да се избруси на најдобар можен начин.