Facebook профил на Агенцијата за млади и спортYouTube канал на Агенцијата за млади и спорт

Печати

Промотерите говорат за Спортската Академија

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Оваа  година за прв пат, во координација на Агенцијата за млади и спорт, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука,  започна со работа Спортската академија во склоп на Државното средно училиште Методија Митевски-Брицо.

Првата година запишани се 111 ученици, распределени во пет паралелки : фудбал, кошарка и тенис  и две паралелки ракомет.

Целта на овој проект е преку избор на најталентираните ученици, од најрана возраст да се едуцираат и оспособат за постигнување врвни спортски резултати, со што во иднина би биле дел од  националните спортски селекции за фудбал, кошарка, ракомет и тенис.

Наставата се одржува од страна на професионални тренери, а на тренинзите ќе присуствуваат и македонски спортски великани.

Програмата предвидува  зголемување на бројот на спортовите  за следната година, односно вклучување на дополнителен спорт - одбојка, но и отворање на нови академии во други градови (Штип, Прилеп, Битола)

Учениците од Спортската академија се сместени во училишниот дом „Здравко Цветковски“ во општината Карпош.

Во продолжение се изјавите од промотерите на Спортската академија на нашите спортски великани:

Индира Кастратовиќ ракомет

„Директно сум вклучена во проектот и сметам дека ваква академија е нешто што навистина ни е потребно. Мораме да знаеме дека секогаш првата година е најтешка, како во спортот, па така и во приватниот живот. Но, мора да се издржи. Првата година ќе ни покаже каде грешиме и во кој дел треба да се поправиме за се да функционира перфектно. Потоа ќе биде полесно. Но, потребно и е родителите на децата-спортисти да се запознаат подетално за академијата и нивното образование да го насочат токму во тој правец и од нив професионалците со кои ќе работат да створат врвни спортисти. “

Пепи Манасков - ракомет

„Ова е еден голем предизвик за младите ракометари кои ќе имаат шанса да се развиваат. Мислам дека имаат одлични услови во моментов, спортска сала, седум термини за тренинг во неделата што е доволно. Сама по себе академијата е нешто ново во Македонија и добро е што државата прави нешто за овие млади спортисти, а резултатите ќе се видат по кратко време. Од ракометната федерација ме назначија да бидат еден вид промотор на оваа академија.  Од време на време доаѓам да ги посетам овие млади момци, да укажам на дел од тренанжиот процес на оние елементи од ракометната игра.“

Ванчо Димовски - ракомет

„Отворањето на Спортската академија е позитивен чекор бидејќи да се насочи талентирано дете на 14 години кон она што го сака е вистински предизвик, а неговото одржување кон вистинскиот пат секогаш ќе резултира со успех. Потребно е да се работи со децата и тие да учат од вистинските стручњаци, се што се прави на овој план е позитивно. “

Наумче Мојсовски – ракомет

„Секаде во светот има спортски академии и добро е што директорот на АМС конечно издејствува и кај нас да се отвори академија од овој тип. Бидејќи и тој самиот знае дека во спортот мораш да се посветиш доколку сакаш резултати. Академијата прави да живееш за спортот, да тренираш без никакви препреки, бидејќи само на тој начин ќе го достигнеш врвот. Ова е одличнен проект, на младите им се покажува дека спортот има перспектива и дека еден ден од него ќе можат да живеат. Се надевам дека овој проект ќе продолжи да се спроведува и во следните години, бидејќи резултати не се добиваат за една година. И уште еднаш ќе кажам, спортски академии има секаде во Европа и светот и ако успеваат таму, зошто да не успее и кај нас. “

Зоран Бошковски Чоко - фудбал

„Идејата е одлична и мило ми е што дојде време за нејзина реализација. Свесен сум дека одговорните на почетокот ќе се соочат со одредени препреки бидејќи водењето на една академија од ваков тип е процес кој трае долго време. Се надевам и верувам дека проектот ќе успее и во следните четири години за да имаме можност да создадеме здрава младинска репрезентација. Мора да се издржи и со кадар, и со инфраструктура и со буџет. Најискрено се надевам дека оваа академија е патот кој треба да се трасира за да добиеме подобар и поквалитетен фудбал како на клубски, така и на репрезентативен план.“

Горан Шевченко - тенис

„Сметам дека ова е нешто кое требаше да се случи многу порано, но како што велиме никогаш не е доцна. Добро е што се случува во овој период во кој имаме деца кои постигнуваат добри резултати на национално и интернационално ниво. Како идеја сметам дека децата кои немале можност да работат на начин на кој ние го предвидуваме, сега имаат можност да го обавуваат својот тренажен процес кој е доста обемен и професионален.“

Александар Костовски - кошарка

„Спортската академија ја оценувам за позитивен потег бидејќи младите спортисти се спортски некултурни и потребно е да имаат пример за тоа како да се однесуваат. За да функционира се во најдобар ред потребни се и квалитетни кадри кои ќе ги насочат младите од 14 години кон правилниот начин на живот на професионалните спортисти. Пробелм имаме во денешно време што младите немаат каде да тренираат и кога ќе дојдат на онаа возраст на пубертетски денови, многу таленти се откажуваат од спортот. Затоа сметам дека ова е проект кој треба да се негува и од година во година да се надоградува. Бидејќи само на овој начин можеме да создадеме прфесионални спортисти кои ќе остават белег во идните светски, европски и олимписки натпреварувања. “

Дамјан Стојановски - кошарка

„Отворањето на Спортската академија од страна на Агенцијата за млади и спорт го сметам за одличен проект. На овој начин им се дава можност на многу млади кои сакаат да тренираат да бидат насочени во вистинскиот правец. Потребно е на талентираните деца да им се дозволи да го работат она во што се најдобри, се разбира со вистинските тренири и тим околу нив еден ден ќе бидат гордост за државата.“

Избери живот - избери спорт

Информатички спортски систем

Спортска академија