Facebook профил на Агенцијата за млади и спортYouTube канал на Агенцијата за млади и спорт

Печати

Интервју со Ванчо Димовски-македонски репрезентативец во ракомет

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Интервју со Ванчо Димовски-ракометар

Димовски: Фалангата ни е потребна во Шпанија

Отворањето на Спортската академија е позитивен чекор бидејќи да се насочи талентирано дете на 14 години кон она што го сака е вистински предизвик, а неговото одржување кон вистинскиот пат секогаш ќе резултира со успех- вели Димовски

Ракометот е спорт кој неретко зависи и од наклонетоста на судиите кон тимовите кои играат. Како Вие како ракометар се справувате со судиските неправди?

Димовски: Судиските неправди се дел од играта, но ние како спортисти сме подготвени на се и психички и физички, како и на добро и на лошо судење. Професионално се бориме и го даваме максимумот од себе. Најчесто овие неправди делуваат на нас, но потребно е да се одржи концентрацијата за да се дојде до победа.

Во сабота со Ракометниот клуб Металург имате уште еден предизвик во Лигата на шампионите против екипата на Санкт Петербург. Дали сте подготвени да ја израдувате публиката со уште една победа?

Димовски: Сакавме победи на домашен терен и досега имаме. Имаме и две победи на гостински терен што не прави особено горди. Сите оние кои гостуваа на наш терен знаеа дека шансите за победа им се миниални, но не се откажуваа. Така ќе биде и со екипата од Санкт Петербург, а на нас не ни преостанува ништо друго освен да победиме и да имаме четири победи.

Дел сте и од машката ракометна репрезентација. Пред нас се неколку предизвици како квалификациите за Европското првенство во Данска 2014 година и Светското првенство во Шпанија 2013 година. Дали се собра репрезентацијата и започна со подготовките?

Димовски: Во моментов сите сеуште имаме клубски обврски и затоа комплетни ќе бидеме некаде околу 28-ми октомври. Ќе имаме само неколку денови за подготовка до првиот натпревар со Швајцарија кој ќе го играме на 31-ви октомври. Во тие неколку дена ќе продолжиме онаку каде застанавме. Како екипа доволно добро се познаваме бидејќи играме скоро една деценија заедно. Сакаме континуитетот во големите натпреварувања да продолжи и затоа ќе дадеме се од себе за да обезбедиме пласман на Европското првенство.

Какви се очекувањата од квалификациските натпревари за Европското првеснтво во Данска, како и Светското првенство во Шпанија 2013 година?

Димовски: Очекуваме да го подобриме пласманот од минатите европски и светски првенства. Но, ќе мора повеќе да работиме за да успееме. Ги воочивме грешките кои ги направивме на Европското првенство во Србија и гледаме како можеме да ги поправиме. Знаеме дека секој натпревар ќе одиме на победа. Сметам дека сега сме на едно ниво погоре од тоа што бевме на изминатите првенства.

Македонската фаланга е таа која и во добро и во лошо секогаш беше со вас. Колку Ви значи нивната поддршка?

Димовски: Значењето за нас ракометарите на фалангата е огромно. Знаеме дека секогаш се тука за нас и во победа и во пораз. Храбро не бодреше досега и по секој пораз не треаше да бидеме се подобри и подобри. Среќни сме што беше со нас дури и до Шведска, горди сме што достоинствено не поддржува. Сакаме да биде до нас и во натпреварите против Швајцарија и Португалија, а посебно ќе ни биде потребна поддршката во Шпанија.

Агенцијата за млади и спорт направи измени на Законот за спорт според кој клубовите треба да се трансформираат во акционерски друштва, со што ќе се придонесе за професионализација на спортот. Како Вие гледате на овие законски измени? 

Димовски: Овој закон е добар за следните генерации. Јас имам 33 години и професионално ќе можам да играм уште три до четири години. Мене лично не ми значи многу дали ќе имам три или четири години стаж, кога играм ракомет од мојата 15-та година, а досега немам ниеден работен ден. Никогаш во животот сум немал сини картони, ниту пак сум бил осигуран. Но, за следните генерации, уште еднаш би кажал дека ќе уживаат поголеми бенефиции од нас, ќе бидат заштитени барем од тој аспект.

Агенцијата за млади и спортзапочна со реализација на проектот Спортска академија во која има и ракометна паралелка. Вие сте еден од промоторите на оваа академија. Како Вие гледате на проектот, дали од неа можеме да очекуваме да излезе некој Ваш наследник?

Димовски: Отворањето на Спортската академија е позитивен чекор бидејќи да се насочи талентирано дете на 14 години кон она што го сака е вистински предизвик, а неговото одржување кон вистинскиот пат секогаш ќе резултира со успех. Потребно е да се работи со децата и тие да учат од вистинските стручњаци, се што се прави на овој план е позитивно.

Избери живот - избери спорт

Информатички спортски систем

Спортска академија