Печати

Интервју со Наумче Мојсовски-македонски репрезентативец во ракомет

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Добро е што и кај нас се сетија дека е потребна Спортска академија

Измените на Законот за спорт ќе донесат само позитивности, бидејќи преку него, конечно и ние спортистите ќе имаме заштита. Не е лесно да се игра повеќе од 20 години, како што е примерот со Стевче Алушовски кој има скоро 40 години, активно игра повеќе од пола од нив, а нема ниеден ден стаж- вели Мојсовски

Најпрво честитки за победата над Силкеборг во Данска во Лигата на шампионите. Сите бевме сведоци на неправедноста која се одвиваше на теренот. Како Вие како директно засегнати спортисти ги доживувате направидите?

Мојсовски: Како и секој спортист, така и ние тешко ги доживуваме неправдите, но мора да се продолжи натаму со играта. Катастрофално е тоа што ни се случи во Данска, но правдата на крај победи, а така и ние. И покрај тоа што судиите неретко одлучуваат кој ќе биде победник.

 

Во сабота Ве очекува уште еден натпревар на клубски план против Санкт Петербург. Дали сте подготвени да не израдувате со уште една победа и дали имаме шанси за шампионска титула во Лигата на шампионите?

Мојсовски: Подготвени сме за натпреварот, играме одлично, досега имаме три победи, а зошто да не одиме и на четврта. Подготвени сме за предизвикот кој е пред нас. Имаме одличен тим и со тешка борба пред следните предизвици можеме да дојдеме и до шампионска титула. Но, се треба да оди чекор по чекор. Оваа година сме подобри од минатата и ако оваа година титулата не биде во нашите раце, нема да изгубиме надеж, следната ќе биде. Но, во никој случај не размислуваме за пораз и откажување.

Дел сте и од машката ракометна репрезентација. Пред Вас се и квалификациските натпревари против Швајцарија и Португалија кон крајот на овој и почетокот на следниот месец за Европското првенство во Данска 2014 година. Дали на репрезентативен план започнавте со подготовките?

Мојсовски: Со подготовки сеуште немаме започнато поради клубските обврски. Ќе имаме три до четери дена да се подготвиме, поточно да продолжиме онаму каде застанавме во јуни кога ја поразивме Австрија. Пред нас се натпреварите со Швајцарија и Португалија во кои повторно ќе докажеме дека имаме играчи кои заслужуваат почит. Сметам дека можеме да ги добиеме и двата натпревари, доволно се знаеме меѓу себе ние играчите, и да се пласираме директно на Европското првенство во Данска 2014 година.

Македонската фаланга е онаа која во победа и пораз секогаш ве бодреше. Дали очекувате таа да биде со вас, репрезентативците, и во следните натпревари?

Мојсовски: Секако дека очекуваме фалангата да не бодри. Таа е нашиот осми играч кој секогаш ни кажува и покажува дека во добро и лошо е со нас. За следните натпревари навистина ќе ни биде потребна поддршката од фалангата, поготово за Светското првенство во Шпанија, во натпреварите во Севиља и Барселона.

Кога сме кај Светското првенство во Шапнија, какви се надежите во нашата репрезентација за исходот од ова натпреварување?

Мојсовски: Можеше да ни се падне и полесна група, но докажавме дека гордо стоиме рамо до рамо со светските репрезентации. Најпрво ќе гледаме да го поминеме првиот круг и во него да бидеме први или втори, за потоа да ни се падне полесен противник, бидејќи овој пат се оди на директни елиминации и само со два добиени натпревари да продолжиме понатака. Сметам дека по 10 години заедничка игра, скоро толку сме заедно на репрезентативен план, сега го доживуваме врвот. Имаме што да покажеме, ги знаеме нашите мани, како и знаеме како да ги поправиме грешките од Србија и да си го подобри успехот. Како и секогаш гордо ќе го носиме репрезентативниот дрес и ќе се покажеме во најдобро светло.

Агенцијата за млади и спорт иницираше измени во Законот за спорт, преку кои клубовите треба да направат трансформација во акционерски друштва, со што ќе се доведе до професионализација на спортот. Како Вие како директно инволвиран, бидејќи сте спортист, гледате на овие измени?

Мојсовски: Како спортист позитивно го оценувам носењето на овој закон. Ние, како спортисти не сме осигурани, јас лично, никогаш во животот сум немал сини картони. Овој закон е од битно значење за нас бидејќи конечно ќе ни се регулира стажот, конечно тој ќе почне да ни тече.  Затоа сметам дека измените на Законот за спорт ќе донесат само позитивности, бидејќи преку него, конечно и ние спортистите ќе имаме заштита. Не е лесно да се игра повеќе од 20 години, како што е примерот со Стевче Алушовски кој има скоро 40 години, активно игра повеќе од пола од нив, а нема ниеден ден стаж.  

АМС започна и со реализација на проектот Спортска академија во која има и ракометна паралелка. Вие сте еден од промоторите на оваа академија. Како гледате на проектот, дали од неа можеме да очекуваме да излезе некој Ваш наследник?

Мојсовски: Секаде во светот има спортски академии и добро е што на директорот на АМС конечно издејствува и кај нас да се отвори академија од овој тип. Бидејќи и тој самиот знае дека во спортот мораш да се посветиш доколку сакаш резултати. Академијата прави да живееш за спортот, да тренираш без никакви препреки, бидејќи само на тој начин ќе го достигнеш врвот. Ова е одличнен проект, на младите им се покажува дека спортот има перспектива и дека еден ден од него ќе можат да живеат. Се надевам дека овој проект ќе продолжи да се спроведува и во следните години, бидејќи резултати не се добиваат за една година. И уште еднаш ќе кажам, спортски академии има секаде во Европа и светот и ако успеваат таму, зошто да не успее и кај нас.