Печати

Ултрамаратонците, вчеравечер, пристигнаа од Нова Градишка на плоштадот Македонија

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Вчеравечер, на Плоштадот „Македонија“, пред Фонтаната „Воин на коњ“ во Скопје, директорот на Агенцијата за млади и спорт, м-р Лазар Поповски заедно со  градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ги пречекаа 16-те македонски маратонци, што 5-та година по ред, учествуваат во традиционалниот Ултрамаратон во чест на Тодор Проески-Тоше. Трасата што ја трчаат маратонците е во должина од 1 100 км почнувајќи од Нова Градишка, Република Хрватска, местото на несреќата каде што загина Тоше, а завршува во неговото родно Крушево.

Директорот Поповски, даде поддршка на маратонот, односно негово прераснување во традиционален.

-Чест е да се присуствува на една ваква манифестација која е посветена на нашата најголема македонска музичка ѕвезда на сите времиња, Тоше Проески. Горд сум што Македонија има 16 храбри момци кои имаат сила да поминат, веќе петта година по ред, 1.100 километри за да оддадат почит. Сметам дека нивната заложба треба да се поддржи и продолжи со што повторно позитивно ќе се афирмира државата, и покрај тоа што се работи за трагичен настан- рече директорот Поповски.

- Навистина се радувам на фактот што и годинава ми се укажува можноста, како Градоначалник на Скопје да ги пречекам маратонците, што секоја година учествуваат во   манифестација што се реализира во чест на најголемата македонска музичка ѕвезда на сите времиња, а тоа е Тоше Проески. Ова е петта година по ред и искрено се надевам дека традицијата на одржување на овој ултрамаратон ќе продолжи и во годините потоа, а сметам дека Градот Скопје како институција и натаму треба да ги поддржува сите активности на Фондацијата „Тоше Проески“, истакна градоначалникот Трајановски.

Маратонците, што трчаат  од Нова Градишка (Р. Хрватска) до родниот град на Тоше, Крушево, во Скопје ги пречекаа дел од членовите на Фан клубот на Тоше Проески од Република Македонија, како и повеќе од 300 деца, а песни од мега музичката македонска ѕвезда исполни хорот при СУГС  „Здравко Цветковски“ од Скопје.

Целта на ултрамаратонот е да биде истрчан патот на којшто замина Тоше пред пет години и никогаш повеќе не се врати, но во обратен правец и симболично да се врати духот на Тоше Проески во неговото Крушево. Ултрамаратонот трае околу 100 часа и за тие неколку денови ултрамаратонците застануваат во неколку градови за да ги поздрават членовите на фан клубовите на Тоше, почнувајќи од Нова Градишка, па поминуваат низ Белград и Скопје и на крајот пристигнуваат во Крушево.

Ултрамаратонот во чест на Тоше се реализира на иницијатива на Фондацијата „Тоше Проески“, а маратонците се очекува, денеска 16.10.2012 година (вторник), точно на пладне да пристигнат во Крушево, родното место на Тоше.