Печати

Пепи Манасков: Македонија допрва ќе реди успеси во ракометот

вклучено . Објавено во Соопштенија

 

Спортскaтa академиja вклучуваат паралелки за фудбал, кошарка, ракомет и тенис. Се разбира, Пепи Манасков своето знаење и искуство ќе го пренесува на помладите, а тука е и да помогне на тренерите во одржувањето на тренинзите.

Средбата со Манасков ја искористивме за еден подолг разговор, го прашавме за неговиот моментален ангажман, за синот Дејан Манасков, за Вардар Про и Металург и се разбира македонската репрезентација. Она што треба да се издвои е тоа дека Манасков смета дека Македонија допрва ќе постигнува успеси на ракометен план, бидејќи трендот на вложувањата и инвестирањето во спортот е во нагорна линија, а условите за работи на младите категории се повеќе се подобруваат.

Па да појдеме со ред...

Каде е и што прави во моментов Пепи Манасков?

-Во моментов сум слободен, односно немам ангажман. Последните шест месеци бев ангжиран од ракометниот клуб Куманово, а соработката ја завршивме од пред речиси еден месец од финансиски причини. Сигурно е дека можам да придонесам во ракометот, искуството и знаењето е зад мене, а секоја понуда е драгоцена и се разбира ќе биде разгледана. Морам да кажам дека во моментов ми недостасува ракометот, бидејќи секој меч е сам по себе посебен предизвик. Навистина ми недостасува.

Дејан Манасков игра одлично во дресот на Металург, колку ги следите неговите натпревари и колку му помагате во развојот на кариерата?

-Дејан е релативно млад и талентиран играч. Во моментов настапува за Металург клуб кој му нуди квалитетни натпреварувања, како што знаеме настапуваат во Лигата на шампионите што е големо искуство. Засега напредува доста добро, но додека играш секогаш учиш. Дејан има уште многу за учење, а има и од кого, каков во Металург така и во репрезентацијата.

Колку Дејан учи од Пепи Манасков?

-Јас не инсистирам многу за да го научам на нешто, меѓутоа морам да кажам дека многу ме респектира. Сепак, тој има тренер во Металург и таму е главното место за учење. Знам да му дадам по некој совет, на пример да не отсуствува од тренинзите, потоа за спортскиот режим односно спортскиот живот, начин на исхрана, меѓутоа и на оние негови брзи потези. Тој е темпераментно момче и има некои детали кои не треба да ги прави. Мислам дека добро го разбира тоа.

Има ли разлика помеѓу ракометот од вашето време и ракометот кој денеска се игра?

-Како што се развиваат сите работи во животот, така и спортот. Денешниот ракомет е многу поинаков од времето кога јас играв. Се тренира повеќе, клубовите се поорганизирани и побогати, конкуренцијата исто така е поголема. Има напреднати земји кои во мое време во ракометот беа буквално анонимци. Организацијата е многу битна за да постои еден клуб, а морам да ја спомнам и традицијата.

Вардар ПРО и Металург веќе втора година се натпреваруваат во регионалната СЕХА лига. Вардарци минатата година беа шампиони, а и Металург се најде на фајнл-фор турнирот. Колку една ваква лига е важна за развојот на македонскиот ракомет?

-СЕХА лигата е многу битна, од проста причина, квалитетот на екипите. Знаеме каков квалитет има нашата лига каде речиси секоја година се сведува на битка на два тима Вардар Про и Металург. Немаме многу квалитетни тимови за жал. Ракометните сили кои беа репери за ракометот како што се Битола, Прилеп, Велес кои беа расадници на млади таленти сега ги нема. Добро е што Вардар и Металург се присутни во СЕХА лигата бидејќи тоа само ќе го зголеми квалитетот и ќе служи како еден вид добар тренинг пред настапите во Лигата на шампионите пред се мислам на Металург. СЕХА преминува во една сериозна лига со силни тимови и квалитетни играчи. Во секој случај оваа лига е добра за ракометот.

Прогноза за Металург и Вардар Про на домашна и меѓународна сцена во оваа сезона.

-Вардар минатата сезона ја освои СЕХА лигата што за мене претставува одличен резултат и на некој начин го засени Металург. Верувам дека и оваа сезона овие две екипи ќе се најдат во фајнл-форот и верувам дека повторно една македонска екипа ќе биде шампион. Што се однесува до домашното првенство тој ривалитет е добро познат. Според мене во моментов мала предност му давам на Металург, но Вардар секоја година оди во нагорна линија со квалитет и не се знае, ќе биде неизвесно до самиот крај.

а македонската репрезентација, олимписките квалификации и иднината.

-Можеби е неблагодарно да се зборува сега од оваа дистанца за македонската репрезентација и оној олимписки квалификациски турнир. Но, јас не знам колку ние сватифме што значи една Олимпијада и комплетно што значеше самиот турнир. Ние отидовме физички и психички да ја победиме Шведска и Унгарија. Мислам дека имавме големи очекувања како јавност, премногу оптимистички и тоа мислам дека за жал се одрази негативно. Пропуштивме шанса која не знам кога повторно ќе ни се пружи.

Колку Македонија и надлежните институции се грижат за ракометот?

-Трендот оди во нагорна линија. Државата почна да гради спортски објекти, сали, терени за фудбал, за тенис, што секако е базата за развој на спортот. Еве сега за прв пат се формираше Спортска академија и верувам дека за брз период сето тоа ќе вроди со плод и ќе се видат резултатите.

Каква порака би упатиле до сите млади во Македонија?

-Па, само кратко би порачал до сите млади, спортот е одлична работа, нека изберат спорт и нема да погрешат.

Превеземено од  КУРИР www.kurir.mk