Print

Ресенчани ќе добијат повеќенаменско игралиште

on . Posted in Соопштенија

Во ресенската населба Црквиште денеска започнаа градежните работи за повеќенаменското спортско игралиште, кое е дел од Проектот на Владата за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта во Република Македонија. Почетокот на градежните работи го означија директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески и градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески истакна дека трајна определба и заложба на Владата  е развој на спортот и спортската инфраструктура низ целата држава и создавање услови за спортување на сите граѓани.

-“Покрај проектите за изградба на 50 фудбалски терени, 35 спортски сали, 120 тениски игралишта, денес започнуваме да го градиме 56-то повеќенаменско спортско игралиште, токму во Ресен, еден од најспортските градови во нашата земја. Изградбата на овој објект, кој ќе се простира на 1.340 метри квадратни ќе чини околу 7 милиони денари, а треба да биде предадено во функција за 5 месеци”, рече Спасески.

Resen.3

Според градоначалникот на општина Ресен Ѓоко Стрезовски ова игралиште ќе придонесе повеќе деца и млади од Ресен да се занимаваат со спортски активности кои во иднина би го подобриле спортскиот капацитет и здравјето на децата и младите, а на некои од нив ова игралиште би придонело спортот да им биде иднина.

- Како општина ќе се залагаме младите што повеќе да се вклучат во спортските активности, се разбира со изградба на нови и осовременување на постоечките спортски капацитети. Со тоа мислам дека добар дел од младите ќе ги задржиме во нашата општина што е и наша крајна цел, истакна Стрезовски.

Ова игралиште кое се наоѓа во најгусто населената населба во Ресен ќе биде изградено по најсовремени стандарди за изграње мал фудбал, кошарка, ракомет и други игри, а теренот ќе биде осветлен со рефлектори.

Спасески и Стрезовски ја посетија и спортската сала во Ресен, Фудбалското игралиште изградено од Агенцијата за млади и спорт и тениското игралиште во ОУ „Гоце Делчев“ кое е во изградба. 

Resen.5

Во рамките на работната посета на Ресен, Спасески заедно со градоначалникот Стрезовски и младите уметници од уметничката школа од Ресен го промовираа и проектот Урбан ѕид, со кој естетски ја облагородија надворешната ограда на градскиот фудбалски стадион во Ресен.

 

Информатички спортски систем